| 08.01.2009 | 06:00 UTC
Израел ракетиран од либанска територија
Од либанска територија се истрелани ракети врз северот на Израел, соопшти израелската полиција. Најмалку три ракети експлодираа во близина на градот Нахарија, околу иосум километри јужно од границата со Либан. Најмалку едно лице е рането. По првиот временски ограничен прекин на огнот заради дотур на хуманитарна помош во појасот Газа, борбите продолжија. Израелската армија во текот на изминатата ноќ ја засили офанзивата на југот на појасот. Сведоци известуваат дека десетици тенкови се движат во насока на Хан Јунис, град кој е упориште на Хамас. Од авиони е бомбардиран градот Рафа на границата кон Египет за да бидат уништени тунели за шверцување. радикално-исламистичкото движење Хамас возврати со ракетирање на израелските градови Ашкелон и Бершеба.
Разговори во Каиро за решение на конфликтот во Газа
Египет ги покани Израел, Палестинските автономни власти и Хамас на разговори за прекин на огнот во појасот Газа. Според изјавата на египетскиот амбасадор во ОН, претставници на сите поканети страни навестиле дека ќе дојдат во Каиро, каде ќе имаат одвоени средби со претставници на египетската влада. Заеднички разговори не се предвидени. Според израелските медиуми, во Каиро ќе патува Амос Гилад, човек од доверба на министерот за одбрана Ехуд Барак. На средбите во египетскиот главен град ќе биде разгледуван египетско-францускиот мировен план, кој предвидува по временски ограничените примирја да уследат разговори за трајно решение на конфликтот.
ЕУ преговара со Русија и Украина за спорот со гасот
Во Брисел денеска ќе се одржат повеќе средби на кои претставници на ЕУ и на претпријатијата Гаспром од Русија и Нафтогас од Украина ќе настојуваат да се најде решение за спорот околу гасот. Притоа треба да стане збор и за можен мандат за меѓународни контроли на протокот на гасот низ гасоводот што води преку украинска територија. Москва и’ префрлува на Украина за кражба на рускиот гас, што Киев го негира. Обете земји во принцип се согласни со ангажман на меѓународни набљудувачи.










