Наука | 01.12.2008
Германија и Франција имаат различни приоритети во вселената
Европската вселенска агенција се обидува да држи чекор со Кина и Индија. За таа цел би требало да и бидат одобрени средства во висина од 10,4 милијарди евра. Проблем претставува светската финансиска криза.
Министрите за наука од 18 земји кои членуваат во Европската вселенска агенција (ЕСА) и Канада секоја трета година се состануваат за да дискутираат околу финансиската состојба на агенцијата. На неодамнешниот состанок во Хаг, агенцијата побара 10,4 милијарди евра за својата работа. Генералниот директор на ЕСА, Жан-Жак Дорден изјави дека министрите позитивно реагирале на барањето. Тој додаде дека дел од учесниците нагласиле дека и покрај проблемите со финансиската криза треба да се одобрат средства за вселенските програми и дека сега е најдобро време за инвестирање во вселената.
Германија бара повеќе средства за вселенски истражувања
Bildunterschrift: Großansicht des Bildes mit der Bildunterschrift: Германскиот астронаут Ханс Шлегел учествува во повеќе мисии во вселената
Германија има голем удел во финансирањето на проекти во вселената. Германија го гради европскиот модул Колумбо за меѓународната вселенска станица, а се проценува дека нејзината индустрија има голема полза од тој проект. Затоа, Берлин бара за Меѓународната вселенска станица во наредните пет години да се издвојат повеќе од предвидените 1,4 милијарди евра.
Франција - која во Француска Гвајана е „домаќин“ на лансерите за ракети Аријана, со кои во вселената се испраќаат сателити - од друга страна бара повеќе средства да се насочат кон одржување на самостојните европски лансирни капацитети. Француската министерка за образование и наука Валери Пекрес изјави дека Германија и Франција немаат исти приоритети.
Покрај вселенската станица и лансерите, буџетот на Европската вселенска агенција треба да го покрие и европскиот удел за телескопот „Хабл“, како и проектот „Ексо Марс“, односно спуштањето на возилата на површината на Марс, коиби требало на оваа планета да спроведат подземни испитувања.










